Трета година по ред, благодарејќи на УМ и Меккен Скопје Македонија е дел од глобалното истражување на социјалните медиуми “Wave 8” преку кое се добиваат вредни податоци за навиките, ставовите и размислувањата на корисниците на социјалните мрежи во Македонија.
“Wave 8” покажува дека корисниците во Македонија во голем дел ги прават истите работи, делат исти мислења и имаат слични навики со остатанатите корисници на социјалните мрежи во светот.
Шеесет и пет насто од испитаниците велат дека социјалните медиуми се неизоставен дел од нивниот живот, шеесет насто сметаат дека нивните профили на социјалните медиуми не ја отсликуваат нивната личност, додека 40% се загрижени дека ќе пропуштат важни работи доколку не ја посетат социјалната мрежа.
Омилена социјална мрежа им е Фејсбук, високи 80% проценти го посетуваат на дневно ниво, а кај помладите бројката е уште поголема. Од друга страна, 77% од испитаниците се загрижени за количината на податоци што ја оставаат онлајн.
“Wave 8 е од голема важност за нашите агенции заради тоа што ни дава увид во однесувањето, навиките и начинот на консумирање и споделување содржини кај корисниците на социјалните мрежи во Македонија. “Wave” ни покажува дека влијанието на содржината која се споделува преку социјалните мрежи е клучно во креирањето моќни комуникациски стратегии. Интересен податок е дека 74% од испитаниците имаат позитивно мислење за брендовите кои се присутни на социјалните медиуми, тие најчесто се приклучуваат кон бренд заедниците за дознаат повеќе за брендот, да бидат во тек со новостите и да добијат личен одговор на прашањата кои ги имаат. Ова се само дел од резултатите добиени за Македонија. “Wave 8” базата со податоци која ни е на располагање е одличнa алаткa со која креираме ефикасни и сестрани комуникациски стратегии за нашите клиенти и нивните брендови‘‘ – вели Ирина Маја Стојановиќ, директор за развој на бизнис во Меккен Скопје.
Трите клучни заклучоци од овогодинешното истражување се однесуваат на мотивацијата за споделување содржини, вреднувањето на содржината и емотивното влијание врз лицата кои ја споделуваат таа содржина:
– Мотивацијата за споделување содржини се менува врз основа на различните категории на производи и услуги, пазарот и демографијата.
– Постои голема разлика помеѓу содржината која потрошувачите ја вреднуваат, видот на содржина која добива голем број на прегледи и видот на содржината која тие би ја споделиле.
– На потрошувачите емотивно им влијае начинот на кој содржината што тие ја споделуваат е прифатена од другите. Кога ќе се прими позитивно и кога ќе биде проследена со“Like”, тоа генерира чувство на среќа, а кога споделувањето ќе биде проследено со игнорирање генерира негативни емоции.
“Wave” истражувањето покрива повеќе од 50.000 интернет корисници од 65 земји кои претставуваат универзум од 1.29 милијарда активни корисници ширум светот. "Wave" го мери влијанието на социјалните медиуми истражувајќи ги новите можности и промени кои настануваат во комуникациските технологии. Досега спроведени се вкупно 8 Wave истражувањa.
“Wave” е најдолгата и најамбициозната годишна анализа на социјалните медиуми која ја спроведува медиумската агенција Универзал Медиа низ целиот свет. Истражувањето во Македонија го спроведуваат Универзал Медиа и Меккен Скопје.