Пандемијата со Ковид-19 дефинитивно го промени начинот на кој живееме. Емотивно, социјално, финансиски… Додека медицинскиот персонал насекаде низ светот со сета своја сила се труди да се избори со пандемијата, владите се борат да помогнат на локалните економии преку претставување најразлични економски мерки.
Македонија не е исклучок. Покрај претставување на три различни сета мерки за помош на различни категории граѓани и компании кои ги трпат економските последици од коронавирусот, Владата исто така отвори и две донаторски сметки каде многу одговорни компании и поединци донираа средства за полесно справување со пандемијата.
Донациите се правеа преку банкарски трансфер, но со цел да се олесни целиот процес и со цел секој оној кој што сака да може да го даде својот придонес, Министерството за финансии со поддршка на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) разви уникатна веб платформа наречена „Солидарност“ која овозможува онлајн донации од поединци и правни субјекти со цел полесно справување со кризата со Ковид-19.
Сепак, на платформата ѝ беше потребна и промоција и наша задача беше да направиме колку што е можно поголем број граѓани да дознаат за оваа онлајн можност за донирање. Но, кога промовирате платформа која генерира средства на сметка на Владата, тоа може да биде незгодно и има големи шанси да има негативен ефект врз граѓанството, па така моравме внимателно да ја скроиме комуникацијата со цел да поттикнеме солидарност и да ги адресираме само оние кои што навистина сакаат и се во можност да го дадат својот придонес.
Преку внимателна селекција на пораки во комуникацијата за социјални медиуми и ПР, направивме силна промоција на платформата и Solidarnost.gov.mk успеа да собере солидна сума на средства за само 3 недели од кампањата.
Како и да е, негативните коментари не беше возможно сосема да се исклучат, но она што се броеше на крајот е позитивната порака дека платформата промовира солидарност помеѓу сите засегнати, и тоа кога ни е најпотребно.