MK ENG

Човек со сестран талент и најуспешен менаџер во рекламната индустрија во регионот.

Срѓан Шапер: Наградата за животно дело на “Здружението за маркетинг комуникации” на Србија ја сфатив како награда за добра игра во првото полувреме. Сега се игра второто полувреме, дали ќе има продолженија и пенали, ќе видиме. Сè додека човек самиот со себе игра натпревар - останува во играта.


Малку постарите го паметат како вокален солист на групата „Идоли“. Срѓан Шапер е сестран човек. Успешно се занимава со музика, глуми во филм, снима телевизиски реклами. Студира медицина, светска книжевност, историја и филмска и ТВ режија, за на крај да го заврши Факултетот за драмски уметности. Сака да режира филмови, денес вели дека времето за тоа е веројатно веќе поминато, но дека би можел да биде филмски продуцент. Социјалниот ангажман едно време го доближува до политиката. Со години е многу успешен менаџер. Пред деветнаесет години ја основа својата прва агенција Idols & Friends, а веќе седумнаесет години успешно го води системот на McCann агенции кои се прво основани во Белград и во Скопје. Денес управува со I&F McCann Grupa која има агенции во осум земји во регионот. Ги сака луѓето со кои работи во McCann и смета дека тие се силата која придонесува I&F McCann Grupa да биде тоа што е денес, најголема и најуспешна групација во рекламната индустрија во регионот. На штотуку завршениот Викенд Медиа Фестивал во Ровињ, McCann Белград е првата агенција прогласена за агенција на годината во регионот.

 

Колку Вашите родители Ве поддржуваа во музичката кариера и посветеност кон бендот „ВИС Идоли“, кој беше предвесник на музичкиот правец „new wave“, во бунтот кој го изразувавте преку песните што ги компониравте и ги изведувавте?

 

Не ме поддржуваа особено, но не го ни оспоруваа мојот избор. Веруваа дека јас најдобро знам што треба да правам. Секако, во почетокот беа загрижени дека сето тоа ќе одземе многу време и дека на крај нема да имам ништо со кое ќе можам да „влезам во животот“. Meѓутоа, времето покажа дека работите дојдоа на своето место. Моите животни избори беа мотивирани, пред сè, од желбата во ограничен број часови да се доживее што повеќе. Во таа смисла „Идоли“ беа големо искуство. Искрено, имав и доста среќа.

 

Склоноста кон музиката и уметноста, сепак, Ве определила да завршите филмска режија и покрај запишувањето на Медицинскиот факултет. Дали тоа го одреди Вашиот иден професионален избор, рекламната индустрија, која во времето на Вашите почетоци  цврсто се базираше на видеоспотови?

 

Студирав медицина, светска книжевност, историја и филмска и ТВ режија, а на крај го завршив Факултетот за драмски уметности. Да почнував денес, би знаел дека факултетот е, всушност, само продолжение на средното училиште кое треба да го оспособи младиот човек полесно да носи некои животни одлуки и процени врз основа на цивилизациските искуства кои му претходат. Меѓутоа, во тоа време бев еден од ретките кои тоа само го насетуваа. Во тоа „дводимензионално време“ се мислеше дека изборот на образованието е исто што и изборот на професијата. А точно е тоа дека како млад режисер и композитор се здружив со двајца пријатели, Борис и Туцко, и почнав со создавање рекламни спотови. Тоа беше во 1984г., и го претставува мојот влез во светот на огласувањето.  

 

Започнавте со заедничката агениција  Soda film, потоа ја основавте својата агенција Idols&Friends (1995 г.), а две години потоа ја добивате франшизата и ја основате агенцијата McCann, прво во Белград а потоа и во Скопје. Што Ве насочи кон таква одлука?

 

Туцко и јас во 1995г. ја направивме Idols (jaс) и Friends (тој), помислувајќи дека би било интересно сето она што го знаеме да го претвориме во ангажман од кој ќе има корист струката, огласувачите и ние самите. Сакавме да бидеме слободни! И сами да располагаме со вишокот од својата работа. На тој начин го продолживме во капитализмот она што го сакавме и во социјализмот. Да ја пронајдеме формата која одговара на нашиот претприемнички дух. И тоа беше агенција. Нема подобра работа од тоа самиот да бидеш заслужен за сите успеси и неуспеси и да ја преземеш целата одговорност. Преземање одговорност е она што навистина ме импресионира кај вистинските лидери и кај оние кои придвижуваат мали или големи работи во светот. Смисливме и единствена продажна идеја на компанијата: Правото да се ризикува!  Во оваа работа секој мора да ризикува за да ја пронајде вистинската и големата смисла. Во 1997 г. ги основав McCann агенциите во Белград и во Скопје, а подоцна и во другите земји во регионот.

 

Претходната година одбележавте 15 години успешна работа на I&F McCann Grupа која денес работи во осум држави во регионот. Што беше пресвртница за нејзиниот развој во овие 16 години? Дали тоа беа двата Кански лава кои ги освоија агенциите McCann Белград и МcCann Скопје?

 

Мислам дека не, Канските лавови беа последица на нејзиниот успех. Пресудно беше што во секоја година од нашето работење успевавме да ги собереме најдобрите луѓе. Имаше лоши моменти и месеци и прекрасни, неповторливи ситуации, недели, години. Но МcCann секогаш била компанија во која се доаѓа со желба да се работи токму тука, а не каде било на друго место. Успеавме, а можевме и многу, многу повеќе, заеднички да  создадеме чувство дека да се биде во McCann е некако посебна работа. А тоа е зашто имавме навистина посебни луѓе. Кога ќе прославуваме 20 години, ќе се обидеме да ги собереме сите оние кои некогаш работеле овде, ќе видите дека тоа е цел еден свет! И дека McCann навистина изгледа како наш дел од големиот свет. Секогаш сме се труделе тоа да биде така и без провинциски кукања. Немавме никакви комплекси.

 

Агенциите кои работат во рамките на I&F McCann Grupа оствариле значајни успеси. Само во последните неколку месеци имавме можност да видиме три навистина несекојдневни кампањи кои ќе се паметат во нашиот регион. Агенција McCann Сараево беше дел од креативниот тим кој за The Coca-Cola Company го реализираше филмот „Бубамара“, по повод учеството на репрезентацијата на БиХ на Светското фудбалско првенство, потоа кампањата „Да ги почитуваме и живите“, која ја осмисли агенцијата McCann Тирана  за албанското Министерство за внатрешни работи, а потоа и виралот „Драма во такси“ што го осмисли и го реализира агенцијата McCann Белград за Југословенско Драмско Позориште, кој оствари речиси милион прегледи на YouTube. Како ја гледате претходната година во креативните агенции и дали овој веќе препознатлив правец за McCann е она што можеме да го очекуваме од Вашите агенции и во следниот период?

 

Се надевам дека во иднина, многу повеќе отколку сега, ќе можеме да се занимаваме со она што се вика креативна извонредност. Досега нашиот акцент беше ставен на стратегија, разбирање на бизнисот, регионален развој, постојана едукација за сè, развивање одделни маркетинг-дисциплини и создавање платформа за нивна интеграција во кампањите на нашите клиенти. Во иднина акцентот ќе ни биде ставен, пред сè, на креативната извонредност!

 

Сакаме така да нè препознаваат и огласувачите и потрошувачите и на тоа работевме сите овие години. Но за навистина да успееме во тоа, мораме на голема врата да го вратиме слоганот од почетокот: „Правото да се ризикува“. Збогатени со многу години искуство кое ќе го направи тој ризик поднослив за сите. Во нашата работа секогаш е неопходно да се биде поинаков бидејќи човечкиот мозок е направен така за да забележува само опасност и движење, значи, она што се издвојува. Нема капацитет да го забележува она што е исто. А 99 проценти од она што денес постои, спаѓа во категоријата „исто“. Во нашите краеви постои многу „исто“.

 

McCann станува симбол за креативност. Во вашите агенции во регионот работат или работеле некои од најголемите таленти во креативната индустрија на овие подрачја. Дали  talent pool-оти тоа што вложувате и развивате таленти е она што ве разликува од другите агенции во регионот?

 

Мислам дека би било препотентно ако кажам такво нешто. Количеството успешни и креативни кампањи е прилично рамномерно распределено по адвертајзинг- светот. Има многу агенции кои имаат паметни и креативни кампањи, но има и такви кои се неуспешни и неоригинални. Сите ние подеднакво се трудиме за своето место под сонцето. Секако, ние би сакале ова што го кажавте да е точно, но дали е тоа така проценуваат, пред сè, потрошувачите. Кога се луѓето и talent pool-отво прашање, верувам дека мојата лична задача е агенцијата да биде место на најголема слобода за создавање и одговорност во исто време.

 

Работите во осум земји. Вашата последна аквизиција беше McCann Сараево. Дали планирате натамошно регионално проширување?

 

Работиме во сите земји кои се создадоа од Југославија, во Бугарија и во Албанија. Би сакале ова да не е дефинитивниот список, бидејќи нашата логика и логиката на клиентите за раст на бизнисот не завршува овде.

 

На неодамна завршениот Викенд Медиа Фестивал во Ровињ, во рамките на регионалната ревија на креативност BalCannes, агенцијата McCann Белград е прогласена за прва агенција на годината во регионот. Што значи успехот на McCann Белград за агенциите во рамките на I&F McCann Grupa? Во Ровињ имавте креативен самит на мрежата, како го коментиравте овој успех, за што разговаравте?

 

Разговаравме како максимално да ја искористиме предноста на регионалниот систем за да добиеме најдобри луѓе на најдобрите проекти, без разлика каде тие се случуваат. Ваквите состаноци се добра можност да размениме мислења, да разговараме за тоа како меѓусебно да се инспирираме, издвоиме, препознаеме, да ги наградиме најдобрите идеи. На крај, важно ни е нашите креативци да се запознаат и дружат, што е посебно возбудлива работа бидејќи луѓето се радуваат и едни на други и на добрите кампањи. Успехот на Белградски McCann ме израдува затоа што е препознаен во целиот регион и го потврдува нашето упорно залагање за регионална интеграција.

 

Медиумската агенција Universal Media на последниот Sempl освои Гранд Sempler како најдобра медиумска агенција во Јадранскиот регион. McCann Белград сега е прогласена за најкреативна агенција во регионот и ја освои наградата SoMo Borac како една од најдобрите дигитални агенции. Ова практично ја покажува вашата предност во сите области на комуникациската индустрија.

 

Мислам дека после многу години во кои доминираше одвојувањето посебни услуги во посебни агенции, ветерот дувна во друг правец и дека сè повеќе се зборува за интеграција на идеи. Се надевам дека нема баш сè и баш сите да се преселиме на социјалните мрежи, затоа што ми се чини дека таму често недостасуваат емоции какви што постојат во изразувањето преку традиционалните медиуми, но сигурно е дека во иднина комуникациската порака  сè повеќе ќе биде една, прилагодена на различни структури. Креативноста мора да биде начин на дишење на сите агенции, без разлика на тоа со што специфично се занимаваат.

 

Здружението за маркетинг комуникации” на СрбијВи додели награда за животно дело. Зар не е таа награда прерана? Ми се чини  дека во времето кое е пред Вас ќе направите крупни стратешки потези кои се животно дело. Што ќе прави Здружението тогаш? Повторно ќе Ве награди?

 

Ја сфатив како награда за добра игра во првото полувреме. Сега се игра второто полувреме, дали ќе има продолженија и пенали, ќе видиме. Сè додека човек самиот со себе игра натпревар - останува во играта.

Интервјуто е објавено на линкот: http://www.media-marketing.com/intervju/8031-covjek-svestranog-talenta-i-najuspjesniji-menadzer-u-regionalnoj-industriji-oglasavanja.html