MK ENG

Интервју со Владимир Димовски за Медиа Маркетинг

Владимир Димовски: македонската рекламна сцена активно функционира нешто повеќе од две децении. Вистина е дека пазарот е сеуште мал, буџетите се мали, но ако го следиме развојниот тренд, најдобрите денови за македонскиот маркетинг се пред нас.

Разговарал: Екрем Дупановиќ

 

Меккен Скопје, дел од водечката регионална група И&Ф Меккен,  испраќа позитивни вибрации од топлиот југ до сите агенции во регионот дел од групата. Добрата атмосфера, позитивното размислување, креативната енергија и оптимизмот говорат дека агенцијата стои на цврсти нозе и е во добри раце, раководена од Владимир Димовски со кого разговаравме за агенцијата и македонската рекламна сцена.

 

Меккен Скопје прв го донесе канскиот Златен лав во регионот. Каква е денес креативната сила на агенцијата?

                    

Златниот лав е најпрестижната награда која може да се освои во креативната индустрија. Воедно, таа е и најголемото признание за креативна работа. Но, наградите не треба да претставуваат врв на креативноста - како да сте го постигнале максимумот. Тие треба да бидат поттик за ‘‘нова страница‘‘ во животот на една агенција. Наградите кои досега ги имаме освоено се резултат на нашиот труд и настојување да бидеме најдобри. Но, сè има свој период, па можеби и рок на траење и затоа никогаш не можете да добиете “the ultimate best“. Во таа смисла, наградите се поттик за уште повеќе и уште подобро и треба да умеете да ги искористите во тој правец.

Златниот лав за нас беше бран на свежа креативна енергија која сега е во полн замав.

 

Имате повеќе млади креативци во агенцијата. Дали тоа значи со нови сили во нови победи?

 

Во нашиот искусен тим се приклучија млади и енергични професионалци, без ‘‘креативен багаж‘‘, ако може така да се каже. Како резултат на тоа, нашиот тим е отворен за креативни идеи без ограничувања и ги отфрламе сите креативни стереотипи.  Работиме со партнери кои имаат разбирање и можат да ја апсорбираат нашата креативност и мислам дека сме на одлично креативно ниво. 

Креативниот пристап кон потрошувачите денес претставува огромен предизвик. Тие знаат точно како би сакале да им се обратите, кога и на кој начин, тие имаат свои очекувања. Секогаш треба да наоѓате начини како повторно да им пристапите, да креирате содржина, да го кажете она кое треба да го чујат на нов и свеж начин. Креативноста во секоја сфера на нашето работење е неопходна, без неа нашата работа е незамислива. 

 

 

Малку информации добиваме за македонската рекламна сцена. Можете ли да ни ја опишете?

 

 

Македонската рекламна сцена активно функционира нешто повеќе од две децении. Меккен Скопје е присутна од самиот почеток. Во 2012г., го одвоивме медиумскиот бизнис во посебна агенција специјализирана за медиуми, УМ Скопје.

Во изминатите години сме виделе многу нешта, и добри и лоши ( и сеуште гледаме) но морам да признаам дека оние лошите се во многу помал број. Сеуште сме пазар во развој, но далеку подобар отколку на почетокот. Пред  дваесетина години имаше една до две агенции, неколку големи огласувачи, само една приватна телевизија. За жал,  во текот на приватизацијата и преструктуирањето на компаниите со маректинг се занимаваа луѓе на кои тоа не им беше професија.

Се сеќавам дека порано, ако се јавевте во некоја компанија и побаравте некого од маркетинг, во 90 насто од фирмите ќе го добиевте директорот, продажба, дистрибуција, офис менаџерот...луѓе кои сериозно се занимаваа со маркетинг сеуште немавме. Состојбата сега е сосема поинаква. Денес е многу повеќе структурирано и организирано, постојат одредени правила на игра, конкуренција, образовани и искусни луѓе во маркетингот.

Домашните компании се свесни дека и најдобриот производ на светот ќе остане во магацините доколку немаат добар маркетинг.  Бројот на домашни компании кои работат на своите маркетинг стратегии е во пораст, тие ги планираат своите буџети и бираат агенција со која ќе соработуваат.

 

Вистина е дека пазарот е сеуште мал, буџетите се мали, но ако го следиме трендот на раст, најдобрите денови за маркетингот се пред нас.

Маркетиншката сцена е поинаква и сите ние кои работиме во оваа индустрија имаме свој придонес. Имаме големи огласувачи, локални агенции и агенции дел од светски мрежи, препознаена креативност на разни интернационални фестивали и што е најважно, свесни потрошувачи кои имаат свои очекувања од омилените брендови.

Мислам дека на секој кој некогаш работел на македонскиот пазар му е јасно каде бевме а каде сме денес. Постигнавме напредок што е за пофалба.

 

Каква е позицијата на Меккен на македонскиот пазар?

 

 

За жал, во Македонија немаме истражувања, критериуми, оценки, рангирања ниту пак тело кое тоа би го регулирало. Позиционирањето на агенциите е оставено на слободна индивидуална проценка, но постојат факти кои мора да се земат во предивд, не смеат да бидат занемарени и според кои ние сме помеѓу  првите три.

Меккен и УМ Скопје цврсто стојат на своите нозе.  Преку долгогодишната соработка докажавме дека сме партнер од доверба. Некои од најголемите светски компании се од самиот почеток наши партнери. УМ Скопје во своето портфолио ги има некои од најзначајните огласувачи во Македонија. Деловните резултати на нашите клиенти се доказ дека имаме знаење, искуство и талентирани професионалци. Дел сме од водечката комуникациска групација, И&Ф Меккен Група која припаѓа на една од најголемите мрежи на агенции, McCann Worldgroup. Припадноста кон И&Ф Меккен Група не става во позиција да обезбедиме најдобра услуга на повеќе пазари и со колегите од регионалните канцеларии на Меккен да осмислуваме и реализираме интегрирани регионални кампањи. И на крај, но можеби најважно, ние сме креативни. Први во регионот го донесовме Златниот лав од Канскиот рекламен фестивал. Ова се факти кои нѐ позиционираат на самиот врв.

 

Кои се најважните клиенти?

 

Сите клиенти ни се подеднакво важни и по тоа се разликуваме од другите. Клиентите на двете наши агенции се водечки светски и домашни компании и со многу од нив работиме уште од самиот почеток, што е повеќе од меродавен показател за добар партнерски однос и взаемна доверба. Работиме за некои од најголемите светски брендови и комапнии како што се Кока-Кола компанија, Вип орератор- Телеком Австрија, Хајнекен, Лореал, Шпаркасе Банка.  Потоа, работиме за Пивара Скопје и нивниот најголем бренд, Скопско пиво, за Алкалоид, БиМилк... и многу други, како и за помали компании кои допрва се пробиваат на пазарот. Сите сакаат агенциски тим што ќе се грижи за нив, за нивниот производ, услуга, имиџ, репутација на најдобар можен начин. И сите тоа треба да го добијат.

Нашиот однос со клиентите е многу повеќе од коректен и професионален. Тој е дел од агенциската култура и културата на секој вработен. Се трудиме да создаваме партнерства кои даваат чувство на сигурност, чувство дека  сте во добри раце, партнерства кои овозможуваат отворена двострана комуникација.

Понекогаш велам дека имаме професионална ‘‘блискост‘‘ и мислам дека тоа е единствениот начин заеднички да ги оствариме поставените цели. Постојано сме тука за нашите клиенти, за секое нивно прашање или барање, секогаш обезбедувајќи им најдобра и најквалитетна услуга. Мислам дека искуството и работата нè научија на ова. 

 

Извор: http://www.media-marketing.com/intervju/7323-o-makedonskoj-oglasivackoj-sceni.html