MK ENG

Интервју со Срѓан Шапер

Маркетинг пазарот на поранешна Југославија – пазар со малку пари, малку домашни брендови и многу ентузијазам.

Разговарал: Ален Ќоровиќ

Водечките експерти во областа на пазарните комуникации, брендингот и бренд менаџментот, ќе се соберат на 14ти јуни во Сараево на третата Брендинг конференција во организација на комуникациската агенција Via Media. Еден од овогодинешните учесници во панел дискусијата «Кои се вистинските фајтери», сигурно e еден од најзначајните регионални лидери и креатори на трендови, Срѓан Шапер. Заедно со останатите учесници, тој ќе зборува за насоката во која се движи иднината на рекламните агенции, дали идеите се пари или отпадок кој завршува во канта, ги разбираме ли потребите на потрошувачите. Тој ќе зборува и за етиката, правилата и конкуренцијата помеѓу агенциите. Нè очекува возбудлива панел дискусија за искуството на интернационалните брендови и како тие ја креираат  локалната стратегија, за  ROI- поврат на инвестициите на пазарот и купувачите

Срѓан Шапер, претседател на управниот одбор на McCann Група Србија, професионалец со богато искуство, навистина има што да сподели со сите кои сакаат да слушнат нешто повеќе за глобалните и регионалните трендови во огласувањето, медиумите и комуникациите. Роден во Белград, студирал медицина, а завршил Факултет за драмски уметности, насока за филмска и тв режија. Се занима со адвертајзинг од 1984 год. Пред околу триесетина години бил еден од Идолите, подоцна режисер, композитор, новинар, радио водител, глумец и сл. Во животот бил и free lancer, а од 1995 година е сопственик и директот на агенција. Пред основањето на агенцијата McCann Erickson, работел како креативен директор и продуцент за агенциите СМ Дело, Борба, Ogilvy & Mather, Saatchi & Saatchi и Idols & Friends. Вообичаено вели дека никогаш немал шеф.  Се занимавал со политички маркетинг, пишувал поезија и бил креативен директор на многубројни рекламни кампањи. Го радува утрото на море, додека сонот му е “да се договориме за сè”. На двобој би се предизвикал самиот себе си, зошто верува дека и двајцата би промашиле. Ни откри дека наполитанките се нешто без што не може. Разговаравме со Срѓан и се обидовме да добиеме одговори на некои прашања на кои не одговара често, со цел да го запознаеме од една поинаква страна.

 

Постигнавте успех во повеќе животни области, врвен маркетинг експерт сте, основач и претседател на McCann Група, креатор на успешни политички кампањи, хуманитарец, популарен музичар...Кои се состојките на рецептот на успех?

Состојка на рецептот за успех пред сè е љубопитноста да се прават и завршат различни работи. Потребно е  малку среќа, да се биде на вистинското место во вистинскиот момент, и на крај, можеби и најважно, секој проблем што ќе го видиме на патот да го доживеемее како предизвик, да одлучиме да го решиме и да пронајдеме најдобро можно решение.

 

Вашиот професионален живот имал необичен тек. Сте студирале медицина, а сте завршиле  Факултетот за драмски уметности, се занимававте со музика и политика, а завршивте во маркетингот. Зошто токму маркетинг?

Затоа што маркетингот е најмал заеднички именител на сите нешта кои ги спомнавте. Луѓето кои сакаат да се занимаваат со секоја од нив по малку, на крај избираат да се занимаваат со маркетинг којшто најмногу ѝ овозможува на креативноста да дојде до израз.

 

Сте биле член на популарниот бенд Идоли од осумдесетите. Дали постои спој помеѓу адвертајзингот и албумот Одбрана и последни денови”?

 

Не верувам дека постои таква врска, освен доколку врската е тоа што и за едното и за другото потребна е креативност и во неа да се најде смислата за она што човекот го работи.

 

Што мислите, да ли сте подобар музичар или маркетинг експерт?

Не се школував ниту за едното ниту за другото. И двете ги развивав преку работа и мислам дека и во едната и во другата област имам докажано дека работата е најважна за постигнување успех. Талентот не е пресуден ☺.

 

Како би го опишале маркетинг пазарот на поранешна Југославија во три збора?

Би го опишал во три прости реченици. Пазар со малку пари. Малку домашни брендови. Многу ентузијазам.

 

Кој успех на McCann ви е најдраг и што било клучно за него?

Би го издвоил тоа што успеавме McCann да биде најпознат маркетинг бренд во Србија и во земјите во коишто работиме. Клучното во тоа е што секогаш се обидуваме да мислиме out of the box.

 

Според вас, кој е најголемиот бренд во БиХ?

Би кажал дека е тоа босанската севдалинка, но мислам дека допрва времето тоа ќе го покаже.

 

Брендинг конференција?

Брендинг конференцијата е неопходна за нашиот регион. Доколку сакаме нешто да значиме во Европа и во светот, мораме сериозно да поработиме на тоа да создаваме брендови од производи од нашиот регион, но да создаваме бренд и од нас самите.

 

И за крај, дали можете да ни откриете како Спиридон Копицл, лик којшто одлично го одглумивте во филмот “Давител против давителот”, се снајде во транзицијата?

Спиридон доста се разликува од мене затоа што тој уште од мал знаел што сака, но мислам дека во транзицијата сепак успеал да пронајде нови предизвици за себе.

 

Извор: Media Marketing на www.media-marketing.com